Во средни училишта во земјава, на учениците им биле барани пари за свидетелства, реагираат од Сојузот на средношколци. Според нив проблемот од крајот на минатата учебна година, продолжува и оваа и претставува грубо прекршување на Законот за средно образование, според кој , образованието во јавните средни училишта е бесплатно.
Свидетелството на некој начин е завршеток на средното образование. И е доказ за завршено средно образование.Како такво сите средношколци мораат да го имаат. Тоа е фундаментален дел од образовниот систем и во согласност со ставот 2 од челнот 3 , мора јавното средно образование да биде бесплатно, изјави претседателот на Сојузот на средношколци Лука Павиќевиќ.
Скопската гимназија „ Зеф Љуш Марку“, наплаќала по 100 денари за свидетелство, гимназијата „ Мирче Ацев “, од Прилеп, по 30 денари. Во средното медицинско училиште од Тетово од учениците се барале по 150 до 200 денари за свидетелство, а средното економско училиште од истиот град , наплаќало по 150 денари, за издавање свидетелство и за дипломата за завршено средно образование.
Во телефонскиот разговор, директорката на средното економско училиште од Тетово, Мирјета Иљази демантира дека раководството на училиштето барало од учениците да ги плаќаат свидетелствата и дипломите. Но, Иљази не исклучува можност класните раководители да го барале тоа , зашто како што рече , тие не ги пишуваат свидетелствата со рака, туку на компјутер. Директорката смета дека за таа услуга класните раководители треба да издвојат од сопствен џеб, а не да бараат од учениците. И директорот на средното медицинско училиште Исан Емини негира дека се наплаќале свидетелствата. Вели дека истакнале соопштение за ненаплаќање и дека класните раководители ќе бидат казнети, доколу постапат противзаконски.
Од Министерството за образование и наука велат дека училиштата не смеат да наплаќаат такси на родителите и учениците , зашто е спротивно на Уставот и на законите за основно и средно образование и дека тие биле писмено известени за тоа, пред крајот на школската година.
Педагошката документација , потребна за крајот на учебната година се обезбедува од Бирото за развој на образованието, при што секое училиште добива дополнителни 5% во случај на грешки и слично, велат од МОН.
Станува збор за изолирани случаи во неколку училишта , за што ќе постапи Државниот просветен инспекторат, дополнуваат од МОН.
Сотир Трајков