Денеска во Скопје се одржа 14-тото издание на Женската трка на која учество земаа над 3.400 натпреварувачки. Доделени беа награди во дури 10 категории, а за прв пат имаше и нова категорија над 80 години.
Трката која стана традиционална во главниот град, стартуваше од Градскиот парк, односно фонтата „Лотос“, каде што беше и целта, а се трчаше по булеварот „Илинден“ во должина од три километри. Сите учеснички ја завршија трката, а победничка беше Душица Јанковиќ со време од 11 минути и 24 секунди. На подиумот друштво и правеа Викторија Тодоровска и Емили Ивановска.
„Исклучително сум среќна што оваа трка од година во година привлекува сѐ поголем број натпреварувачки. Овој пат имавме и нова категорија на возраст над 80 години и сите аплаузи отидоа кон овие дами“, рече Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.
Оваа трка уште еднаш покажа дека жените без разлика на нивната возраст, имаат спортски дух и здравите навики ги користат секојдневно.
