Комисијата за избори и именувања не успеа да ги утврди имињата на кандидатите за уставни судии. Неколку часа беа потрошени на процедурални забелешки и паузи. Претседателот на Комисијата, Костадин Костадинов, вели дека опозициските пратеници се обиделе да ја попречат работата на комисијата и да оневозможат донесување на дневниот ред. Од ВМРО ДПМНЕ тврдат дека власта се обидува да „протне“ некои решенија.
Кога ќе се отвори ова прашање во Комисијата, секој нејзин член има право да предложи кандидати за оваа функција. Единствени критериуми, според Уставот, се: кандидатот да биде истакнат правник а да не биде член на партија.
Со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, Собранието треба да избере тројца уставни судии. Мандатот на претходните им заврши на први јуни. Уставниот суд може да работи и да носи одлуки со две третини од вкупниот број на судии, но поради неговата значајна функција, неопходно е да работи во комплетен состав.