Со маски, дистанца и со посебни протоколи денес учениците од средните училишта полагаа државна матура за јунскиот испитен рок. Првиот екстерен испит е мајчин јазик, кој е задолжителен за сите 15.294 кандидати колку што се пријавени во оваа учебна година. Полагањето започна во 10 часот и траеше околу 3 часа.
Претседателот во заминување на Созујот на средношколци, Бленди Ходаи, со оценка дека полагањето поминало без проблеми, а договорот кој го имале со надлежните бил почитуван. Најави нов концепт на државна матура за 2 години, со кој би се подобрил образовниот процес.
Токму во тетовската Гимназија, каде учи и Ходаи, денес испитот го полагаа 262 матуранти од вкупно 1.256 на територијата на општина Тетово.
Протоколите предвидуваат во училиштата да бидат обезбедени санитарно-гигиенски услови, се мери температура при влез и задолжително е носење маска.
Полагањето на државната матура се одвиваше без проблеми и во училиштата во Штип.
Според податоците на Државниот испитен центар, од вкупниот број пријавени, 7.050 се од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10. 848 кандидати, албански јазик и литература 4.078, 272 – турски јазик и литература.
Вториот екстерен испит, кој е изборен, е закажан за 11 јуни.
Данијела Билбилоска