„Нешто убаво доаѓа“. Палтото што министерот Крешник Бектеши го носеше при гостувањето во Топ тема, не успеа да ја сокрие оваа порака, напишана на неговата зелена маица. Иста маица облече и вицепремиерот Артан Груби кога отиде да прими вакцина. Пораката ќе биде појасно видлива на утрешниот настан, кога се очекува лидерот Али Ахмети и неговите најблиски соработници да најават еден вид ребрендирање – не само на партиската боја, туку и на платформата која треба да им стане зелена, зелена како бојата на чистата животна средина.
Во ДУИ молчат и ги зголемуваат очекувањата од утрешната „убава вест“, што ја најави лично лидерот Ахмети од Липково. Со тоа, им отворија врата на бројните шпекулации. Некои медиуми побрзаа да прашаат: Псе јо албанец како заеднички кадидат за градоначалник на Скопје? Откако имињата на неколку можни кандидати станаа главна вест, стигна демант од премиерот Заев.
Иако се уште не разговарале со коалициските партнери, а партиските одлуки за кандидирање градоначалници и советници СДСМ ги остава за почетокот на септември, Заев верува дека коалициските партнери на државно ниво ќе продолжат да соработуваат и за локалните избори. Очекува обединување околу заеднички кандидати.
Петре Шилегов е уверен дека ќе остане градоначалник на Скопје. Паралелно со најавата на проектот за асфалтирање патеки во новиот дел од Градскиот парк, најави кандидатура и победа на изборите, без оглед на шпекулациите и лажните вести поврзани со ДУИ.
Локалните избори треба да се одржат во втората половина на октомври. Ќе треба да се изберат градоначалници и советници во 80 општини.
Соња Николовска