Вкупниот број на неевидентирани лица кои што се внесени во евиденција согласно Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, според податоците добиени од Управата за водење на матични книги изнесува 659 лица. Од нив се доставени 211 Барања за упис во посебната матична книга, што значи, ако го споредиме со вкупниот број на неевидентирани лица, кој изнесува 659, неспорно е заклучокот дека 448, околу 70 проценти од лицата, сè уште немаат поднесено Барање за упис во матичната книга на родени, покажува Посебниот извештај за состојбата со неевидентираните деца во матичните книги на родени по примената на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.
Заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, на денешната прес-конференција го презентираше извештајот кој се заснова на истражување во периодот од 2018 година, од годината кога беше распишан јавниот повик за евидентирање на лица чии што раѓање не е евидентирано во Матичната книга на родени, заклучно со април 2021 година.
– Во однос на бројот на неевидентирани деца, нешто што нас, како одел за заштита на правата на децата посебно нè интересира, деца кои што се родени, по завршување на јавниот повик а не исполнуваат услови за запишување во матичната книга на родените согласно закон, имајќи во предвид дека законот, и оваа категорија лица ја има земено предвид, за жал, добивме информација дека Управата не располага со информација за деца чие што раѓање е после јавниот повик а за кој важи Законот за неевидентирани лица, истакна Мустафа.
Таа дополни дека Управата, по нивно барање, изјавила дека не располага ниту со информации за место на живеење на лицата како и тоа колку од нив се пријавени во центрите за социјална работа согласно местото на живеење, а, како што кажа, видно од одговорот, управата нема ниту податок за бројот на постапки кои што се во тек за дополнителен упис во матичната книга на родените заклучно со април 2021 година.
Мустафа истакна дека проблемот со неевидентираните лица не е нов и не е прв за кој што информира народниот правобранител, вклучително и за проблемот со неевидентирани деца во матичната книга на родени и дополни дека во нивните посебни извештаи, скоро во секој годишен извештај алармираат за недозволивоста дете да остане надвор од матична евиденција на родени.
– Од вкупниот број, 184 лица, кои што поднеле Барање за упис во 2020 година, за 44 лица, што претставува околу 24 проценти, управата донела решение за издавање извод од посебната матична книга и за истата се издадени изводи од посебната матична книга. Анализата на добиените податоци по возраст, упатува на заклучок дека најголемиот број од лицата, 397, што претставува 60 проценти од вкупниот број неевидентирани лица се деца под 18 годишна возраст. Од лицата кои го пополниле прашалникот и притоа се изјасниле за својата етничка припадност, најголем број, според податоците на Управата се роми – 428, албанци – 88, турци -20, бошњаци – 3, срби – 2 и едно лице од влашката етничка заедница, образложи Мустафа.