Критична вечер поминала жената која доби трансплантирано срце. 39 годишната пациентка сега е во стабилна состојба откако синока докторите морале да интервенираат во неколку наврати поради крварења кои се појавиле. Сега според министерот венко филипче ситуацијата се следи од минута во минута, а на секој час се проверуваат и параметрите на крвта, дишењето и работата на срцето. Тој е оптимист бидејќи сите овие знаци за сега се добри и се надева дека најтешкото поминало.
Вчера утрото по тешка петчасовна операција на пладне успешно заврши третата трансплантација на срце во Македонија. Станува збор за пациентка со вродена срцева мана, врз која веќе биле извршени неколку хирруршки интервенции но состојбата продолжувала да се влошува и поради тоа веќе долго време била на листата за трансплантација и чекала донор. Првите 48 часа докторите потенцираа дека ќе бидат критични па сега и тие се во исчекување. Министерството за здравство за сега не го открива идентитетот на жената која доби здраво срце, а се крие и идентитето на донорот и тоа по барање на семејството. Се знае само дека се работи за жена со мозочна смрт од која беа донирани и бубрезите.
Двајцата пациенти на кои вчера им беа трансплантирани бубрези од починат донор се чуствуваат добро. Трансплантацијата беше извршена кај 44 годишен маж кој беше на хемодијализа и кај 30 годишна жена која беше на перитонеална дијализа, велат од мз.
Првата трансплантација на срце во земјава се случи во мај минатата година. Срцето на трагично починатата Емилија Динева продолжи да чука во 53-годишниот Иван Огненовски. Во јули минатата година, семејството на велешанецот Борче Пинов ги донираше неговите бубрези и спасија два животи но за жал за неговот срце немаше соодветен примател. Во април годинава, беше изведена втората трансплантација на срце. Донор беше младата Верица Белчовска која загина во сообраќајна несреќа а нејзиното срце продолжи да чука во градите на 22 годишниот Иле Стрезовски, а семејството Белчовски ги донираа и бубрезите и коскената срж. Сите беа преку националниот координатор доктор Маја Мојсова Мијовска, а операциите ги изведоа доктори од државните клиники и со помош од приватната Жан Митрев.
Билјана Николовска