Македонија Најважни

Добрила Кацарска стана претседател на Уставниот суд

Од први јуни, со Уставниот суд ќе претседава Добрила Кацарска. Досегашниот претседател Сали Мурати си заминува од Судот бидејќи му истекува 9 годишниот мандат како судија. Заминуваат уште двајца судии, па Судот ќе треба да работи со две третини од својот капацитет. Собраниската Комисија за избори и именувања, која на Собранието треба да му достави предлог за тројца нови судии, се уште не е закажана.

Наредната недела, Уставниот суд добива нов претседател. Шест месеци по изборот за уставен судија, Добрила Кацарска добива можност да раководи со Судот во наредните три години. Избрана е со гласовите на шестмина колеги на Работен состанок закажан од претседателот. Зад себе има децениско искуство во Кривичниот суд. За пошироката јавност стана позната по судењето во предметите „Тенк“, кога досуди затворски казни за екс премиерот Никола Груевски, за Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски поради набавката на скапиот мерцедес, како и за „27 април“, кога 15-тина лица добија над 200 години затвор заради „терористичко загрозување на уставниот поредок“. Токму заради овој предмет, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја нарече „егзекутор на Заев за уставобранителите“.

До крајот на месецов, завршува мандатот на Сали Мурати и како претседател на судот и како судија. Заедно со него, по 9 години, си заминуваат и поранешните претседатели Елена Гошева и Никола Ивановски. Треба да бидат заменети со други „истакнати правници“, за кои ќе гласаат мнозинството пратеници. Предлогот до Собранието треба да го достави Комисијата за избори и именувања. Нејзиниот претседател Костадин Костадинов се уште не закажал седница.

Костадин Костадинов, Претседател на Комисијата за избори и именувања: Комисијата за избори и именувања ќе заседава кога Собранието ќе има нова седница, согласно својата агенда и можности. Терминот ќе биде договорен на координација кај спикерот Џафери. Согласно тој термин, ќе се димензионира и седницата на Комисијата.

Ако се има предвид скромното парламентарно мнозинство и одолговлекувањето на изборот на Кацарска во ноември минатата година, може да се очекува судот ова лето да работи само со шест судии. А до крајот на годината, Собранието треба да избере уште еден судија, бидејќи истекува мандатот и на Јован Јосифовски. Предлог за уставен судија може да поднесе секој член на Комисијата за избори на самата седница. Единствениот услов е да биде „истакнат правник“.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Андоновски: Ќе разговараме со нотарските комори да се прифатат електронските документи како валиден документ

Дејан Дејан

(видео)Андоновски: „Електронскиот паричник“ е опција, не обврска

Дејан Дејан

(видео)Андоновски во Топ Тема: Има десетици компании кои што веќе работат исклучиво електронски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе