Бебе починало во болницата во Кавадарци, телото е предадено на обдукција, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
- Синоќа во ОВР Кавадарци е пријавено дека околу 21:35 часот на детското одделение во Општа болница Кавадарци починало бебе на возраст од два месеца. Според пријавеното, бебето било хоспитализирано на 12.01.2026, но починало, и покрај дадената медицинска помош и направена реанимација. Лекар констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител, телото е дадено на обдукција, соопшти СВР Велес.
Во соопштение до јавноста, директорката Гордана Ѓорчева – Камчева изрази сочувство до родителите и појасни каква била здравствената состојба на бебето при неговата хоспитализација.
- „Доенче со иницијали У.М., на возраст од два месеца, беше примено на Одделот за педијатрија на 12.01.2026 година, поради обилно повраќање по хранење. Во текот на деновите кога е тука, на нашиот оддел, детето е со уредни параметри и уредни лабораториски анализи, без повраќање“ – информираше директорката.
По итен повик од мајката вчера (14 јануари), поради тоа што бебето престанало да дише, веднаш бил повикан дежурен педијатар, а во истиот момент и анестезиолог.
- „Започната е реанимација со соодветна терапија која траела околу 35 минути, но, за жал, без успех. По констатирањето на смртта, согласно законските процедури, известени се надлежните служби – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Земени се изјави од родителите и од дежурниот медицински персонал, по што телото на доенчето е предадено на обдукција, со цел утврдување на точната причина за смртта“, појасни директорката.
Б.С.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
