Опозициската СДСМ денес излезе со нови тврдења за блиска системска поврзаност на членови и финансиери на владејачката ВМРО – ДПМНЕ со српската „Алта Банка“ која ја презеде Стопанската Банка Битола. ВМРО – ДПМНЕ пак со контра обвинувања дека преку Еуростандард банка во времето кога СДСМ ја водеше државата се переле пари од Венецуела и се кршеле санциите против оваа држава.
Според информациите на СДСМ, во менаџерскиот тим на „Алта банка“ се поранешната претседателка на Кривичниот и Врховниот суд Лидија Неделкова како и лице блиско до министерот Тошковски.
-Во менаџерскиот тим стои името на Лидија Неделкова, ви звучи познато? Дали е ова симбол на сваровски судството од времето на Груевски која беше разрешена од судскиот совет. Во надзорниот одбор е Стевчо Јолаковски, баџанак на Панче Тошковски, актуелен министер во владата на Мицкоски, велат од СДСМ.
Димитриевиќ соопшти и дека во менаџерскиот тим на „Алта Банка“ е и Марјан Закев кој според партиските информациите е поврзан со фирмата „Ексико“ на Сашо Мијалков и Орце Камчев а од достапните информации може да се види дека бил директор на ИТ секторот во Стопанска банка Битола.
Претходно СДСМ објави дека во Управниот одбор на банката од Битола била избрана Маја Кадиевска Војновиќ кој е поранешна членка на Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
-Банкарот на Вучиќ, стана Банкар на Мицкоски во Македонија. За овој скандал побаравме управата за финансиско разузнавање и финансиската полиција да отворат истрага за ова сомнително преземање и темелно да се испита потеклото на парите, бараат од опозициската партија.
Од опозициската СДСМ прашаа и дали премиерот Мицкоски има сметка во Алта Банка и тоа е причината поради која институциите не постапуваат.
ВМРО – ДПМНЕ со обвинувања дека пропаднатата Еуростандард банка била канал за пробивање на санкциите против Венецуела и дека голем дел од 110 те милиони долари кои пристигнале до Венецуела завршиле на сметки на фирми блиски до семејството Заеви и дека тоа го алармирало Финансиското разузнавање кое отворило постапка.
Огнен Чанчаревиќ
