Вести Македонија Топ вести

Граѓаните „во прашалници“ за инвазијата од решенија за неплатен данок од УЈП

На неколку часови пред истекот на старата 2025 година граѓаните добија честитка од УЈП. Не е за среќна нова, туку за неплатен данок за приходи кои ги имале од странство. Никој не го знае точниот број колку добиле вакво решение, но многумина на социјалните мрежи реагираа дека да се чека крајниот рок кога нема да имаат време ниту да проверат е загрижувачки.

„Веднаш отрчав да платам бидејќи не сакав да сум должник а и немаше многу време до истекот на фискалната година. После сопствена и опсежна истрага дознав дека се работи за хонорар на кој ми е платен данокот во земјата каде сум го остварила. Добив и докази за тоа па сега се чудам кој и како ќе ми ги врати 5 000 денари“ – вели еден од оштетените граѓани.

Има такви кои пораките ги добиле неколку денови пред истекот на 2025 година, но се жалат дека на маилови кои одамна не ги користат или пак дека испратените пораки со решенија личат на спамови. Примерот кој осамна на социјалните мрежи е дека има платен данок во Босна и Херцеговина каде е остварен приходот. Зачудува тоа што Македонија има договор за двојно оданочување со оваа земја, пишува оштетениот.

„Однесов потврда за платен данок во УЈП. Референтот ми вели – не можам да го сторнирам решението, затоа што е друга даночна година. Ќе ти остане долгот. Му велам, па ова е за управна тужба против УЈП затоа што институцијата не почитува закон што е во правна сила, и определува данок, на веќе платен данок во друга држава. Најнезаинтересирано ми вели, ако, тужи“ – додава друг оштетен граѓанин.

Оштетените граѓани се прашуваат кој ќе понесе одговорност за ваквото однесување на УЈП. Ако тужат Управниот суд  ќе биде преплавен со предмети кои најчесто ги решава за повеќе од година и пол, а и тужбата не го одложува решението, па државата си ги наплаќа парите.

Инаку во последните два месеци започна со известување на граѓаните за неплатен данок на доход остварен во странство за 2020 година.

Едни од граѓаните кои први реагираа беа кумановците кои работеле во Авганистан и Ирак, а се работи за повеќе илјади евра кои после 5 години треба да ги платат.

Од УЈП нема известување зошто се чекаше до последните часови до истекот на оваа година за да се известат граѓаните и зошто по службена должност упрваата сама не преиспитува дали некому му е платен данокот во земјата во која работел.

На последната прес конференција на 26 декември директорката на УЈП уверуваше дека граѓаните имаат како да докажат дека е платен данокот.

Инаку последните податоци кои таа ги кажа тогаш беа дека 2.500 граѓани веќе платиле данок од 1 милион евра, а тоа било една четвртина од сите оние кои се повикани да го сторат тоа.

Известување до тогаш добиле околу 10 илјади граѓани, но од УЈП велат дека ќе следуваат и решенија за следните години.

Граѓаните пак стравуваат дека ваквиот начин на наплата на даноци стари 5 години може да донесе стотици семејства во немаштија, а се отвораат прашања дали ќе може да се плаќа на рати, што правела УЈП во последниве 5 години и дали ова е начин да се наполни буџетот по секоја цена.

Билјана Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уапсен е турски државјанин кој со Мерцедес „летал“ на автопатот „Пријателство“ со 203 км/ч

Tea Dimkovska

31 година од геноцидот во Сребреница: „Тишината зборува најгласно“

Tea Dimkovska

Левица: Инвеститорите профитираат благодарение на ДПМНЕ – Македонците ја губат можноста за сопствен дом

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе