Годината почна со една необична фотографија – екс заменик-директорот на Македонија пат се сликаше со застрелана мечка. Негираше дека ја убил, тврдејќи дека загинала во сообраќајка. Девет месеци подоцна си поигра мајтап и со истрагата, ставајќи мечка на роденденската торта. Остана нејасно, дали мечката се судри со возило или со неговата пушка?
Народот ги дојадуваше сармите и руската салата, но не остави ништо на случајот.
Бегалецот, екс-прв вицепремиер, Артан Груби, пак, не бил љубител на сарми, туку на ќебапчиња. Дознавме дека „Пчела“ му била омилената ќебапчилница, каде трошел по 15-20 илјади евра годишно, се разбира на сметка на министерството.
Неговото службено луксузно БМВ го најдоа како хибрид со делови од пет други возила во сервис во Куманово. На заминување од министерството собрал сè што може да се носи, вклучително и голчињата, кошот, шољите и лажичките за кафе.
Перпарим Бајрами доби нова кривична пријава затоа што кога беше директор, за ново седиште на Лотарија изнајмил објект за свадби во Визбегово. Потерницата го остави во дилема дали се сврте некое оро или попусто ги потроши парите?
Народот веќе не можеше да им верува ниту на фискалните сметки, а мораше да му се објасни и дека петелот е машки. Се смислуваа финти против лихвари и полицајци, додека крвта им ја земаа неписмени.
За работа и во кладилница се бараа посебни услови, а сродна душа се бараше на оглас. Сепак, искреноста остана како доблест.
„Се продава кинеска кантурија. Тој што ќе го купи, си ги блокираме броевите. Нит ме знаеш, нит те познавам“.
Продавниците нудеа креативни идеи за Валентајн, а Џонтра Волта си доби другар-Боки батине. И на крим-техничарите почна да им лепи рачето. Некој ги ограби и брзите кредити.
Затворските чувари им помагаа на затворениците да си го најдат топчето полно со кокаин и марихуана, а за малку во самица ќе завршеше кучката Цеца, откако сите се правдаа дека барале часовник што таа му го украла на затвореник. Рамбо се врати во Радовиш.
Утеха не можеше да се добие ниту во црквата, лажен поп на Задушница им ги собра парите на верниците, а и таму прогласија фајронт. Градежниот македонски стил остана препознатлив.
На жените им прекипе да слават само младенци. Си ставија и налепници на возилата и покрај тоа што семафорите им дадоа слобода на возачите. Мажите, пак, не ја менуваат ракијата ни за „сама сум дома“.
Македонец стигна и во Симпсонови. Лулката на писменоста доби неписмен назив. Скопската градоначалничка се поднови со нова фризура. Традиционално, Роза и Клара пак беа во фокусот на Осми март. Мијалков се провозе во ферари и стана ѕвезда и на вевчанскиот карневал. Од мај станаа актуелни златните визи за Дубаи, а дилемата, кој ги има, уште не се разреши.
Премиерот ги изнервира немажените и неженетите со најава за данок, а ги инспирираше и сендвичарниците да воведат данок на мрза. Повторно се шмркаше на работно место од народни пари. Штип доби Диноленд и ги исплаши неупатените.
Се испостави дека нашиот идентитет се пинџурот и полнетите пиперки, но Марта Кос не ја знаеше љубовта на Македонците кон киселата зелка, за која и дијаспората упорно бара начини да ја однесе во туѓина.
Пратениците драматично влегоа за контрола во АНБ…Си излегоа весело, со винце под мишка, наместо документи. Почна предизборната кампања – полна со патетика и симболика,но само Максо си доби песна.
Џабе скапи пи ар кампањи, пред вториот круг на изборите ѓубрето стана главна ѕвезда а кандидатите влегоа во наддавање, кој за колку часа ќе го исчисти? Чистењето се пренесуваше во живо и од земја и од воздух. Курто Дудуш си се почести со круна откако пак доби на избори.
А сателити го набљудуваа Кратово, каде наместо закопано злато, открија лековерни луѓе. Сејф сити стана шема во новото додворување. Цеца го развиоре бугарското знаме. Скопје доби нова елка, а внатрешноста се прашуваше-дали и овде скопјани ќе изнајмуваат станови?
За ефикасноста на администрацијата знаеме одамна.Но, забораваме колку неправењето ништо може да биде заморно.Не потсети видеото од министерството за односи меѓу заедниците, каде осуммина вработени од ДУИ си наместиле и импровизирани кревети. Којзнае колку многу сработиле – на сон.
На поспаната администрација ѝ посакуваме добро да се одмори за празниците, а на сите останати, и понатаму да ги држат очите ширум отворени.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработка: Т.Д.
