На 82-годишна возраст денеска во Скопје почина проф. д-р Кирил Темков, познатиот професор во пензија по филозофија, етика и естетика, автор на голем број книги, учебници и научни дела, како и публицистички трудови од областа на филозофијата, етиката, естетиката и културологијата.
Темков е роден во Кавадарци во 1943 година, во занаетчиско семејство, а своето образование го стекнал во Белград и Скопје. Дипломирал во 1968 година, а докторирал во 1982 година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тој бил ученик и асистент на проф. д-р Павао Вук-Павловиќ, постдокторски студии кај проф. д-р Александар Грличков во Белград (1983-1987). Асистент, предавач, вонреден и редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на менаџерството, Филозофија на политиката, Еколошка етика, Биоетика, Менаџерска етика, Педагошка етика и Филозофија на образованието при Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Автор е на бројни статии од областа на Филозофијата, Етиката, Естетиката (особено за уметничката фотографија, ликовната и драмската уметност, џезот) и Културологијата, како и на повеќе книги: Основите на еден нов Универзитет (1975), Панорама на естетичките идеи од втората половина на 20-тиот век (1981), Отворен Универзитет (1993), Мито Хаџи Василев – Јасмин (1997), Етика (1998), Етика за младите (1999, 2001; прев. на српски, 2 изд.), Етички речник за младите (1999, 2001, 2004), Етиката денес (1999, прев. на бугарски), Етика за најмладите (2000-2002, делумно прев. на бугарски), Луј Армстронг – Сачмо (2000), Историја на џезот (2002), Етика за децата (2003, делумно прев. на бугарски), Етика за 2 клас гимназија (2004), Етика за 3 клас гимназија (2004), Филозофија за 4 клас гимназија (2005), Етика и љубовта (етика во градинките, 2006), Деловна и професионална етика (со проф. Серафим Томовски, на македонски и албански јазик, 2006), Професионална етика (2011), Етичари – 100 најзначајни философи на моралот (2014), Биоетика за најмладите (2013-2015), Џез – естетика и антропологија (2017).Ги има преведено книгите: Прагматизам од Вилијам Џејмс, Критика на практичниот ум од Имануел Кант, Научна расправа за методот од Рене Декарт, За слободата од Џон Стјуарт Мил, Ецце Хомо на Фридрих Ниче, како и книгите на Павао Вук-Павловиќ, Душан Недељковиќ, Лука Прошиќ, Миленко Пејовиќ и др.Има добиено Награда на град Кавадарци, орден „Академски палми“ на Република Франција и Меѓународна награда „Гоцева мисла“ на фондацијата Македонија презент.
Погребот на проф. д-р Кирил Темков ќе се одржи утре, во недела, 28 декември.
