Прашалници што тежат повеќе од статистика – каква година следи и какви се прогнозите. На прагот на 2026, спротивставените табори во политиката спротивставени и во есапот. Опозицијата очекува тешка, кризна година, помалку пари во џебот на граѓаните и во касата на државата. Власта обвинува за сеење страв и паника и тврди – оптимистички се прогнозите за следната година.
- „Граѓаните нема да трошат повеќе за повеќе, туку ќе трошат повеќе за исто или за помалку, затоа што цените ќе бидат повисоки – значи ќе бидат посиромашни. Странските инвестиции немаат веќе раст туку прашање е колку ќе заминат од земјава. Видовме дека и дел од фабриките од зони веќе затвораат или ако ништо друго не ги најавуваат проширувањата на капацитетите како што правеа порано. Сметам дека доаѓа многу тешка година за државата и за граѓаните“, изјави Венко Филипче претседател на СДСМ.
Премиерот одговара – обврски има, но економските показатели се во нагорна линија. Државата има обврска да врати над 2 милијарди евра, вклучувајќи и 700 милиони евра еврообврзница која претходната Влада ја земала во 2022 година. Оваа сума треба да се врати на странските инвеститори, а буџетскиот дефицит ќе се покрие со хартии од вредност на домашниот пазар.
- „Отприлика околу шест милијарди евра е целиот долг којшто треба во овој мандат од четири години на оваа Влада да биде вратен. Но, граѓаните и бизнисот да бидат спокојни. Исто како што нема мигранти, исто како што нема криза, така и средствата се обезбедени, ликвидноста е обезбедена. Нормално е тоа дека во отсуство на план и на идеи од страна на опозицијата, ќе слушаме ваков тип на пораки коишто имаат за цел да внесат страв и немир кај граѓаните. Но, да бидат спокојни. Планот е направен, средствата се обезбедени“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот тврди – инфлацијата се намалува, извозот расте, економските параметри се стабилни. На ова го базира оптимизмот за идната година.
Петар Догов
Б.С.
