САД ѝ издадоа нова лиценца на Нафтената индустрија на Србија, со која се продолжува рокот за преговори за продажба на рускиот удел во компанијата до 24 март 2026 година.
Меѓутоа, НИС нема овластување да работи додека траат разговорите за наоѓање потенцијален нов мнозински сопственик.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека продолжувањето на рокот не значи многу за Србија, нагласувајќи дека клучни се дериватите и снабдувањето со гориво.
Тој додаде дека земјата интензивно увезува гориво и има доволно барем до средината на јануари. Нафтената индустрија на Србија е на листата на санкции на САД од јануари 2025 година, поради мнозинското руско сопствеништво.
Санкциите имаат за цел да го ограничат финансирањето на војната во Украина преку приходи од руски енергетски компании.
