Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека проектот „Сејф Сити“, заедно со одржувањето во периодот од 2008 до 2025 година, ги чинел граѓаните околу 85 милиони евра, но деталите за бројот и цената на камерите остануваат класифицирани.
„Тие спецификации се безбедносно класифицирани информации. Она што можам да го кажам е дека трите договори заедно со одржувањето од 2008 до 2025 година чинат околу 85 милиони евра“, изјави Тошковски, додавајќи дека договорите се класифицирани согласно закон, како што е пракса и во САД и Германија.
Според него, вкупната сума потрошена за 14 години е „околу една петтина од годишните трошоци што државата ги има од сообраќајни незгоди“.
Во однос на законските измени, Тошковски изрази уверување дека ќе обезбеди поддршка во Собранието за измените на Законот за прекршоци, за кои е потребно двотретинско мнозинство.
„Верувам дека нема пратеник кој не би го поддржал овој проект кој спасува животи. Лично ќе се вложам максимално“, рече министерот.
Камерите и системот „Сејф Сити“ официјално ќе стартуваат од 1 февруари во Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10.
„До средината на 2026 година системот ќе биде имплементиран на територија на цела Македонија“, најави Тошковски, додавајќи дека ќе бидат ставени во функција и 12 возила со вградени камери за детекција на погрешно паркирање, особено на булеварите Партизанска и Илинденска.
Тој информираше дека радарите таканаречени „ловци“ веќе функционираат, а казните остануваат непроменети.
„Само првиот ден беа регистрирани околу 110.000 прекршоци“, изјави Тошковски.
Говорејќи за новите полициски униформи, министерот посочи дека се спроведени три одделни постапки.
„Униформите за кадетите се веќе предадени. За специјалните сили договорите се потпишани и испораката треба да започне. Третата набавка е за редовната и граничната полиција и очекувам набрзо целосно ребрендирање“, рече тој.
Во однос на реформата во МВР, Тошковски нагласи дека целта е помалку администрација, а повеќе полицајци на терен.
