Управните одбори во институциите од државната управа, како агенциите и фондовите, ќе се намалуваат на три члена, кои треба да бидат бирани на оглас и јасно утврдени критериуми, а не назначувани од владата. Ова го предвидува предло-законот за висока раководна служба, кој како што најавуваат од Министерството за јавна администрација би требало да биде објавен на ЕНЕР до 31 декември.
Законот инаку е дел од пакетот закони и подзаконски акти кој требаше, не да биде објавен на ЕНЕР до Нова година, туку да бидат усвоени од собранието до Нова година, за што од надлежното министерство информираат дека доцнењето е поради локалните избори. Доцнењето, односно неносењето на двата закони за Висока раководна служба и за Реорганизација на државната управа до крајот на декември, ќе значи околу 6,4 милиони евра помалку финансиска помош од ЕУ, предвидено со реформската агенда.
Подзаконските акти, пак, поврзани со реформата на јавната администрација, чиј рок за носење, исто така, истекува на 31 декември, но за кои не е задолжено Министерството за јавна администрација, дополнително ќе значат уште 4.200.000 евра помалку за Македонија од ЕУ. Недонесената правна регулатива за реформа на администрација во предвидениот рок вкупно ќе ја чинат земјава 10,6 милиони евра помалку средства од ЕУ.
Од Министерството за јавна администрација уверуваат дека двата закони за кои тие се надлежни, за реорганизација на државната управа и висока раководна служба, ќе бидат донесени во грејс периодот од 12 месеци, односно рокот кој им го дава ЕУ како поправен испит на државите и институциите да си завршат преземената обврска со реформската агенда.
Министерството, како што информираше министерот за јавна администрација, Горан Минчев, за 2026 има зацртано до јуни да се смени и Законот за влада. Тој најави дека по Нова година ќе почне консултации со сите политички чинители, по кои ќе се знае дали ќе се укинува Пржинската влада за време на парламентарни избори или ќе се носи нов закон за да се утврди улогата на опозицијата во новите министерства, како тоа за јавна администрација, енергетика.
По Нова година, како што информираше Минчев, ќе се состане и работната група која работи на новиот Закон за правична застапеност за да ги прочешла забелешките кои стигнале од Венецијанската комисија за него и што ќе биде инкорпорирано во новото законско решение.
Законот за плати, пак, е преголем залак за неговото Министерство, вели Минчев, односно дека Министерството за јавна администрација нема доволен капацитет само да го направи, но оти е подготвено да го организира процесот, во кој би се вклучиле и други чинители во неговото подготвување. Минчев не сакаше да лицитира со датум кога овој закон би бил скроен.
Што се однесува до реорганизацијата на вработените во неговото Министерството кое Минчев го најави пред околу 14 месеци, тој на брифингот информираше дека тоа е сè уште во тек, но оти се уште стои на ставот дека 35-40 проценти од вработените го носат товарот во Министерството, но оти веќе ги нема 35-те проценти вработени кои не доаѓале на работа или биле агажирани договорно.
Тамара Грнчароска
