Национален консензус и гаранции за евроинтеграцијата на државата, побара претседателката Сиљановска -Давкова во своето годишно обраќање во Собранието. Упати повик за обединување околу стратешките цели на државата, нагласувајќи дека евроинтеграцијата не е само административен процес, туку политички предизвик кој бара јасни гаранции од Европската Унија и од Бугарија.
На самиот почеток на својот говор, претседателката се осврна на најболниот настан во изминатата година – трагедијата во Кочани, во која загинаа 63 лица. Потенцираше дека претстојниот судски процес ќе биде лакмус-тест за довербата во правосудството и за владеењето на правото.
Во обраќањето беа опфатени и други клучни теми: реформите во јавната администрација, иселувањето на младите, заштитата на животната средина, борбата против фемицидот, потребата од нулта толеранција кон корупцијата и реформи во судскиот систем.
Во говорот, Сиљановска-Давкова се осврна и на прекумерната урбанизација и загадувањето, заштитата на водите и шумите, борбата против фемицидот, кој го нарече „системски неуспех“ и побара нулта толеранција. Таа потсети дека функцијата на претседател не смее да разделува, туку да обединува, и најави конкретни чекори за зајакнување на институциите и правната држава.
На нејзиното годишното обраќање присуствуваа премиерот, претседателите на Уставниот суд и на МАНУ, гувернерот на Народна банка, поглаварите на верските заедници, претставници на судската власт, како и дипломатскиот кор.
Далиборка Демјанска
Б.С.
