Бадентер услов за Влада, ДУИ со нови кадри и идеолошко престројување. Два дена по Конгресот на Демократската унија за интеграција, лидерот на партијата Ахмети ги елаборираше донесените одлуки.
На брифинг со медиумите, тој ја повтори тезата од саботата дека изборот на Влада треба да се прави со Бадентерово мнозинство, за да се зачува унитарниот карактер на државата.
ДУИ бара и законите донесени со двојно гласање во Собранието, да не може да бидат поништени од страна на Уставниот суд.
Ахмети денеска ги повика партиите и на консензус околу новата политичка иницијатива предложена од неговата партија – насловена како Национален договор за напредок, кој ќе ги вклучи и експертските мислења од повеќе области.
По Конгресот на интегративците викендов, раководството на ДУИ е освежено со 80 отсто нови кадри кои досега немаеле партиски функции.
За поранешните функционери кои веќе не се дел од Централното претседателство, ќе се формира партиски Национален совет, како и Комитет на ветерани по ограноците.
На пролет, Демократската унија за интеграција ќе одри посебен тематски Конгрес за идеолошко профилирање, на кој ќе се одлучува дали партијата ќе се ориентира кон левицата или кон десницата.
Во живо во Вестите на Телма се јави Петар Догов
Б.С.
