Вести Македонија Топ вести

Нема договор – ССМ бара минимална плата 600 евра, владата вели има законско покачување за 1500-2000 денари

Се договорија да се договорат. Денешната седница на Eкономско-социјалниот совет заврши без договор за зголемување на минималната плата, што би повлекло зголемување и на останатите плати. Во работата на Eкономско-социјалниот совет учествуваат претставници на владата, работодавачите и на синдикатите.

ССМ бара зголемување на минималната плата на 600 евра за да може работниците да преживеат. Владата вели има формула за зголемување, редовното усогласување е во март и покачувањето ќе биде меѓу 1.500 и 2.000 денари. Работодавачите, пак, велат дека се подготвени да ги зголемат платите, но владата да преземе дел од товарот за покачените придонеси.

Минималната плата не била точка на дневен ред, но по инсистирање на синдикатите, била отворена и оваа тема.

„Тоа што го слушнавме внатре е лицитирање со потребата од зголемување на минималната плата, 600, 700, 800, па дури и 1.000 евра. Владата и работодавачите нека седнат и нека се договорат за кој износ се спремни да ја зголемат минималната плата и да нè повикаат нас синдикатите да ни кажат што ќе се случи. Меѓутоа, предлагаме тоа да го направат тоа најбрзо што може за да не си ја честитаме Нова година на различен начин“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Во владата велат дека толку големо зголемување на минималната плата може да ја зголеми инфлацијата и да доведе до губење на работни места. Формулата за зголемување е договорена токму на Економско социјалниот совет – зголемувањето зависи 50 отсто од растот на просечната плата и 50 отсто од зголемувањето на трошоците за живот.

„Според нашите индикатори, во вакви економски услови, нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено со закон и кое би било меѓу 1.500 и 2.000 денари. Поточно ќе знаеме после Нова година кога ќе ги имаме сите податоци и пресметките ќе покажат точно колку ќе биде минималната плата, односно во месец март кога ќе биде хармонизацијата“, вели министерот за труд и економија, Бесар Дурмиши.

Работодавачите велат дека се подготвени за зголемување на платите, но бараат владата да го преземе товарот за зголемени придонеси кои ќе ги донесат зголемените плати. Велат имаат време за договор до март, но енормно зголемување во овој момент, за нив, е невозможно.

„Се договоривме дека ќе се договараме, конкретен договор нема. Се надевам дека во тек на овој период до законското усогласување на минималната плата имаме шанси да преговараме, меѓутоа во овој момент, на оваа седница на Економско-социјалниот совет нема. Има разговори за модели како можеме да ја договараме минималната плата. Еден од предлозите на Бизнис конфедерацијата на Македонија е во рамки на Законот за работни односи да се прошири колективното договарање, со што ќе се вклучи и минималната плата, особено во одредени сектори. Нашиот предлог е со договарањето на минималната плата во одредени сектори може да се намалат и злоупотребите, така што топката е меѓу синдикатите и работодавачите“, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија.

Минималната плата во Македонија во моментов е 24.380 денари.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Чибишев: Суицидални се дури 95 отсто од случаите на труење на Токсикологија

Tea Dimkovska

Единаесет години жителите на Тетово чекаат општината да струши дивоградба

Tea Dimkovska

Трифун Костовски: Сивата еминенција и центри на моќ сакаат да ме уништат

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе