Вести Македонија Најважни

Трамп менува 30 амбасадори, меѓу кои и Агелер

Триесет дипломати од кариера од амбасадорски и други позиции во амбасадите менува администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во Европа, смени ќе има во Ерменија, во Северна Македонија, во Црна Гора и во Словачка, што значи дека се очекува ново име на местото на актуелната американска амбасадорка во земјава Анџела Агелер.

Ова се случува во рамките на напорите за преобликување на американските дипломатски претставништва и поставување кадар за кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на Трамп од „Америка на прво место“, пренесува Асошиејтед прес.

Шефовите на мисии во најмалку 29 земји минатата недела биле известени дека нивните мандати завршуваат во јануари, изјавиле двајца официјални претставници на Стејт департментот кои побарале да останат анонимни. Оние кои се засегнати од промените не ја губат својата работа во службата за надворешни работи и се враќаат во Вашингтон на други должности, доколку сакаат да ги преземат, рекле официјални лица.

Сите повлечени амбасадори стапиле на должност за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, но останале на тие места по првичната „чистка“ на почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари, кога цел беа главно политички именуваните функционери.

Стејт департментот не го коментираше конкретниот број на персонал или амбасадори на кои се однесува ова, но соопшти дека се работи за стандарден процес во секоја администрација. Како што е соопштено, амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да осигура дека во овие земји има поединци кои ја унапредуваат неговата агенда ’Америка на прво место‘“.

Најмногу погодена од смените е Африка, каде се повлечени амбасадорите од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зеленортските Острови, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.

На второ место е Азија со промени на амбасадорите во шест земји – Фиџи, Лаос, Маршалските Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.

На Блискиот Исток во две држави – Алжир и Египет, колку и во Јужна и Централна Азија – во Непал и Шри Ланка, како и во Западната хемисфера – во Гватемала и Суринам.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Тројца приведени од кои двајца доктори, претреси на пет локации во Скопје – се проширува истрагата за ботоксите

Sasko Dimovski

Обвинителството побара подготвителна постапка и мерки за четворица малолетници за случајот на врсничко насилство во Аеродром

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе