Кој ја загадува Струмица –домаќинствата или индустријата? Тоа беше главното прашање на кое се дискутираше на состанокот на Локалниот совет за превенција во Струмица.
Раководителот на секторот за инспекциски надзор во општината, Ѓорги Чукарски, вели дека тие се држат до студијата што ја изработија експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип која вели дека најголем загадувач во Струмица се домаќинствата.
Меѓу нив ги спомнаа и земјоделците на потегот од селата Куклиш, Свидовица, Банско, каде поради раноградинарското производство се трошат илјадици кубни метра дрва за затоплување на пластениците. Но, загадувањето доаѓа и од горењето на отпадниот пластичен најлон кој според инспекторите нема каде да се одложува, па го палат.
Има предлог од градоначалникот Комуналец да има претоварни станици и да добие соодветна лиценца не само да го откупува туку и да го третира тој отпад, вели Ѓорги Чукарски, раководител на сектор за инспекциски надзор.
Но, со овие тврдења не се разубедуваат еко активстите кои со години аалрмираат дека најголем загадувач е индустријата. Нивните сомнежи се дека капацитетите горат и отпад што е причина за енормното загадување. Ѓорги Танушев се повика на статистиките на Центарот за јавно здравје од 2023 година, каде кај децата до 18 години во Струмица најчести се невролошките и циркулаторните заболувања.
Што е тука важно? Истите тие статистики ги имаат и Битола и Кичево. Битола го има РЕК Битола, комбинат којшто се гледа од сателит, а Кичево го има РЕК Осломеј. Прашање е што има Струмица? Тука е слонот што ние мораме да го детектираме. Да, загадуваат домаќинствата. Но, дали е тоа доволно. Дали струмичките домаќинстав загадуваат повеќе од другите градови? Дали само Струмица е котлина? Зошто и преку летото Струмица беше многу загаден град, прашува Ѓорги Танушев од Здрава котлина.
Тоа што градот со години наназад е на врвот по присуство на пм 10 и пм 2,5 честички во амбиенталниот воздух ги вознемирува граѓаните и тие бараат не само конкретни одговори, туку и итни решенија. Општината најави зачестени вонредни контроли по капацитетите и казнување на загадувачите.
Сузана Мицева
