Нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов. Тој е еден од тројцата на кои полицијата им поднесе кривична пријава до основното јавно обвинителство.
Костадинов заедно со раководителот на секторот финансиски прашања во општината добија кривична пријава за „несовесно работење во службата“, додека раководителката на одделението за администрирање приходи во општината доби кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според пријавата, раководителката на одделението за администрирање на приходи во четири наврати ги пречекорила своите овластувања и постапила спротивно на одредбите од Законот за даноците на имот, со тоа што изготвила решенија за даночно ослободување од данокот на промет на недвижен имот при продажба на станови од станбена куќа со наменска класификација А1.
„Вакво ослободување од плаќање било направено повикувајќи се на член 25 од Законот за даноците на имот, меѓутоа одредбите за таквото даночно ослободување се однесувале само за станбени згради и станови кои согласно класата на намени се со номенклатура А2.1, но не и за станбени куќи со номенклатура А1.1, за кои и биле изготвени решенијата. Раководителката во три од четирите решенија во отсуство на раководителот на сектор финансии, се потпишала и во полето Потврдил-контролирал“, соопштуваат од СВР Струмица.
Раководителот на секторот финансии и градоначалникот, стои во пријавата, постапиле несовесно при вршењето на своите службени овластувања и пропуштиле должен надзор при постапувањето по тие предмети и ги потпишале изготвените решенија за даночно ослободување изготвени. Со тоа пријавените лица го оштетиле буџетот на општина Струмица за износ од 668.388 денари, односно близу 11 илјади евра.
Поранешниот градоначалник Костадинов во изјава за Телма рече дека ги отфрла сите сомнежи и дека им стои на располагање на институциите во истрагата. „Правдата ќе излезе на виделина“, порача Костадинов.
Сузана Мицева
Дигитална обработка: T.Д.
