СДСМ ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за вчера изгласаната Резолуција за мигрантите на владејачките партии. Сметаат дека е неуставна и дека со неа директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата, како и дека е изгласана со цел да се забрани каква било дебата за договорот и да се спречи вистината да излезе на виделина.
„Предавничката Резолуција е спротивна на Уставот. ДПМНЕ–ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата. СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата“, изјави Јована Тренчевска од СДСМ.
Поддршка од Европа за одбрана на демократијата побара и претседателот на партијата, Венко Филипче, кој е во посета на Брисел.
Од ВМРО-ДПМНЕ им вратија дека, тврдењата им се правно неосновани. Слободата на изразување, гарантирана со Уставот, може да биде ограничена само со закон, под строго утврдени услови, што овојпат не е случај.
„Наводите на СДС дека усвоената Резолуција е неуставна и дека ја нарушува слободата на изразување претставуваат грубо неразбирање или свесна злоупотреба на уставно-правната природа на овој акт.Резолуцијата е политички акт на Собранието, со декларативен карактер, преку кој законодавниот дом изразува став, оценува појави од јавен интерес и утврдува политички позиции. Таа не е закон, не е подзаконски акт и не создава општообврзувачки норми, ниту пак воведува забрани, санкции или ограничувања на права и слободи“, реагираат од ВМРО ДПМНЕ.
Од партијата велат и дека, политичката критика е дозволена и заштитена, но дезинформациската кампања не е уставна вредност.Резолуцијата, според нив, е уставна, а лагите за мигрантски кампови се политичка манипулација!
Резолуцијата беше изгласана синоќа, со 65 гласа „за“ и пет гласа „против“. Социјалдемократите претходно ја напуштија пленарната сала и не учествуваа ниту во дискусиите.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработка: T.Д.
