Вести Македонија Топ вести

СДСМ се рестартира, ВМРО-ДПМНЕ со „честитка“ со зајадлив тон

Опозицијата отвора фронт на власта со нови сили, но и со старо-нови лица. СДСМ ги реконструираше партиските структури по изборниот пораз на локалните. Денеска од ВМРО-ДПМНЕ стигна зајадлива „честитка“ до социјалдемократите со зборовите „ве чека тежок стечај“. Двајца нови потпретседатели, старо-нови секретари и Извршен одбор со неколкумина кои и досега беа членови во него, а дел лица кои допрва треба да се профилираат во рамки на опозициската партија.

  • „Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

На испразнетите потпретседателски места, наместо Ана Чупеска и Методија Илиевски, поставени се Александар Трајановски и Јована Тренчевска. Во Извршниот одбор на СДСМ влегоа 13-мина. Андреј Жерновски, екс-заменик во МНР и поранешен градоначалник на Центар останува во оперативното партиско тело. Ѓорче Петров повторно ќе има претставник во ИО на СДСМ, а таму ќе биде член екс-градоначалникот на таа општина, Александар Наумовски. Во партиските тела, сега како член на ИО се враќа Јон Фрчковски кој претходно, оваа пролет, се повлече од партиска функција по тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека на работа во државно претпријатие користел опијати. И Филип Андов-Сокол, опфатен со истрага за директорски злоупотреби во затворот Шутка доби место во новиот тим на Филипче. Во меѓувреме, политичките опоненти од ВМРО-ДПМНЕ им порачаа.

  • „СДС вчеравечер ја потврди нашата констатација дека продолжуваат да тонат сѐ повеќе, наместо нов и свеж кадар, Филипче ги врати старите лица на Зоран Заев. На следните избори 100.000 гласови им се плафон. Ова е убедливо најлошиот состав на СДС, Филипче и Зоран Заев. Приватизациjата на СДС завршува, а наредниот чекор е тежок стечај“, вели Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Старо-новиот генерален секретар на СДСМ, Димитријевиќ уверува дека на вчерашната седница на Централниот одбор немало никакви несогласувања околу кадровските решенија и покрај различните ставови по други прашања.

  • „Тоа е убавината на СДСМ, СДСМ е демократска партија во која секој може да си го искаже мислењето и ставот. На крајот излеговме со заеднички заклучок. Имавме една дискусија којашто беше во рамки на демократските процеси и низ целата таа дискусија произлегоа имињата и се избраа луѓето“, рече Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

Дел од аналитичарите се на став дека кадровските промени се корисни, но не се доволни. Според аналитичарот Петар Арсовски, партијата сега треба да се обиде да ги доближи социјалдемократските политики до гласачите.

  • „СДСМ е фатен во една стапица во која треба да се потпре и на искуството на претходните кадри, но и на свежината на новите. Но, самите кадровски промени не се доволни за да се вратат назад и да бидат актуелни со нивниот политички производ на пазарот. Првиот приоритет им е ревитализација на партиската организација и инфраструктура, затоа што и најдобрите политики ако останат затворени во тие четири ѕида на „Бихаќка“, нема да бидат успешни на политичкиот пазар“, смета аналитичарот Петар Арсовски. 

Претседателот на партијата, Филипче, претходно најави силна мобилизација за враќање на довербата на гласачите и на разочараните поддржувачи на СДСМ од минатото. Партијата ќе се отвори и кон младите луѓе, граѓанскиот сектор, интелектуалците и политичките чинители – за заедно да се градат политиките.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопјанец бил пресретнат со три возила, претепан и однесен во Шишево

Tea Dimkovska

Франција под засилени безбедносни мерки пред Самитот на Г7 

Tea Dimkovska

Тешка сообраќајка кај Љуботен – Повредени седум лица, меѓу нив и четири деца

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе