Триесет и пет поранешни и 19 нови градоначалници не поднеле изјава за имотната состојба и интереси по локалните избори одржани на крајот на октомври и почетокот на ноември, констатирала Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Сепак, дел од имињата од двата списока се преклопуваат, зашто се работи за старо-нови градоначалници. Некои, пак, поднеле како нови функционери, но не го поднеле истиот како поранешни.
Меѓу најзвучните имиња кои не поднеле анкетен лист се поранешната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска, но и новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Тој има обврска да пријави и како поранешен градоначалник на Кисела Вода и како нов градоначалник на Скопје.
Во Кабинетот на Ѓорѓиевски велат дека кај него нема суштински промени во имотот во однос на податоците кога бил градоначалник на Кисела Вода. Не поднел нов зашто не стигнал.
„Поради интензивните работни обврски поврзани со преземањето на функцијата градоначалник на Град Скопје и итното ставање во ред на состојбите затекнати во градот, кои беа во алармантно лоша состојба, во изминатиот период не беше поднесен анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата. Градоначалникот ќе ја испочитува законската обврска и во наредните денови ќе го поднесе анкетниот лист до ДКСК“, велат од Кабинетот на градоначалникот.
Од скопските општини, имотен лист немаат поднесено старо-новите градоначалници на Бутел, на Ѓорче Петров и на Шуто Оризари – Дарко Костовски, Александар Стојкоски и Курто Дудуш, како и новата градоначалничка на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, но и старо новиот градоначалник на Штип, Иван Јорданов.
Анкетен лист не поднеле ниту новоизбраните градоначалници на Кичево и на Струга, Александар Јовановски и Менди Ќура. Од поранешните градоначалници, меѓу оние кои не поднеле анкетен лист се Стевчо Јакимовски од Карпош и Костадин Костадинов од Струмица.
Старо-новите градоначалници на Битола и на Кавадарци, Тони Коњановски и Митко Јанчев ги има на списокот на поранешни функционери кои не поднеле, но поднеле како новоизбрани.
Според законот, функционерите имаат рок од 30 дена по изборот да поднесат изјава за имотната состојба. Таква изјава се доставува и најдоцна 30 дена откако ќе им престане функцијата. На тие што нема да поднесат анкетен лист навреме, според законот, им се заканува прекршочна казна од 300 до 500 евра.
Антикорупциската комисија соопшти дека ќе ја следи состојбата и ако овие функционери и понатаму нема да достават анкетни листови, ќе иницира постапки за проверка на нивната имотна состојба и интереси.
Срѓан Стојанчов
