Скопското обвинителство ќе ги истражува причините за смрт на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, а Министерството за здравство иницирало вонреден инспекциски надзор. Бебето починало на 1 октомври годинава, а како што објави „Слободен печат“, началничката на одделот за интензивна нега пријавила дека една од докторките 20 минути неуспешно се обидувала да го реинтубира новороденчето. Несоодветно лекување, според началничката, предизвикало компликации што довеле до смрт на машкото бебе.
„Основното јавно обвинителство Скопје во координација со СВР Скопје оформи предмет врз основа на јавно објавените информации и ќе бидат преземени сите дејствија за проверка на настанот“, информира ОЈО Скопје.
Телма стапи во контакт со таткото на починатото новороденче кој нè информираше дека ќе се консултира со адвокат и со семејството за натамошните чекори кои ќе ги преземат. Министерот за здравство Азир Алиу со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот иницирал вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор.
„Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект. Во овие тешки моменти за семејството, замолуваме да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста“, соопштија од министерство за здравство.
Комисијата за следење и унапредување на квалитетот на здравствена заштита утврдила дека во потврдата издадена на родителите и во барањето зa обдукција биле наведени неточни податоци за тежината на општата состојба на новороденчето и никаде не било наведено дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации како непосредна причина за негова смрт.
Од ГАК, пак, реагираа дека комисијата нема утврдено пропуст во третманот на новороденото бебе, а следниот чекор е обдукција која сè уште не е готова.
„Обдукциониот наод е единствен и конечен во проценката дали или не постоела грешка при лекувањето на било кој пациент, а истото важи и за овој конкретен случај. Согласно наведеното, до добивање на наодот од обдукцијата клиниката не смее да превземе никакви понатамошни чекори во овој конкретен случај“, укажуваат од ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
Докторката во известување за починатото новороденче навела дека во ниту еден момент не била направена грешка од нејзина страна во реанимација и спасување на новороденчето. Во меѓувреме е е прераспределена на друго работно место. Од СДСМ побараа оставка од директорката на ГАК.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, изјави Елена Радеска од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија „СДСМ да не го злопотребува случајот за дневнополитички поени“.
Марија Митевска
