Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија и продукција на Тамара Котевска и со директор на фотографија и продуцент Жан Дакар , доби номинација за награда од Здружението на продуценти на Америка (PGA), во категоријата Извонреден продуцент на документарни филмови. Ова признание има особена тежина затоа што Здружението наградува автори кои преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на големи и често натчовечки напори.
- За нас ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, велат во заедничка изјава Тамара Котевска и Жан Дакар.
„ Приказната за Силјан “ се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината, по освоените награди за најдобар документарен филм и за најдобра камера, што ги доби од Меѓународното здружение на документаристи. А, наградите што ги доделува Здружението на продуценти на Америка се исто така еден од индикаторите во трката за Оскар. Нивните номинирани автори и лауреати се појавуваат и во финалниот избор за највисоката филмска награда.
