Македонските одбојкарски репрезентации, во машка и женска конкуренција, ги дознаа своите противници во Европската лига за 2026 година. Новитет во ова издание на натпреварувањето е што најдобрите четири репрезентации ќе обезбедат директен пласман на Европското првенство во 2028 година.
Европската лига ќе се игра во јуни 2026 година по добро познатиот систем – секоја репрезентација ќе одигра вкупно шест натпревари, распоредени на три турнири. Машката репрезентација на Македонија ќе биде домаќин на еден од првите турнири, од 5 до 7 јуни, кога ќе ги одмери силите со Луксембург и со Холандија. Вториот турнир ќе се одигра од 12 до 14 јуни во Грција, каде, покрај домаќинот, за противник ќе го имаме и Исланд. На третиот турнир одбојкарите патуваат на Косово, каде на 19 јуни ќе играат против домашната селекција, а ден подоцна ќе се соочат и со Израел. Првите шест репрезентации од лигашкиот дел ќе обезбедат пласман на завршниот Ф6 турнир, а домаќинот дополнително ќе биде познат.
Одбојкарките, предводени од новиот селектор Милош Гавриловиќ, настапите во Европската лига ги почнуваат на турнир во Португалија од 5 до 7 јуни, каде, покрај домаќинот, ќе играат и против Унгарија. Вториот турнир ќе го одиграме во Шпанија, каде, освен со „црвената фурија“, за ривал ќе го имаме и Азербејџан. Македонија ќе биде домаќин на третиот турнир од 19 до 21 јуни, кога ќе ги пречекаме селекциите на Хрватска и на Словенија. Исто како и во машка конкуренција, така и кај дамите, првите шест репрезентации ќе изборат пласман на завршниот турнир.
Фото: Игор Паневски
