Граничниот премин Евзони и денеска ќе биде блокиран во два наврата од 12.00 до 16.00 и од 18.00 до 22.00 часот по локално време. Во тој период ќе се пропуштаат само товарни возила со грчки производи, за сите други ќе биде забранет влез и излез од Грција. Македонските погранични служби за Телма потврдија дека се известени од страна на грчките колеги.
„Во текот на овие десет дена, колку што траат блокадите на грчката страна на границата, навреме добивавме известување од грчката гранична полиција, а потоа известувањето го проследувавме до надлежните институции од македонска страна. Претходно немаше точно одредени интервали за прекините, туку се највуваа еден или два часа пред прекинот“, велат од македонските гранични служби.
Македонските граничари велат дека засега немало проблеми бидејќи прекините не траеле долго, а и преминот Дојран бил слободен во најголемиот дел од времето. Блокадите се фокусирани на поголемите премини кон Македонија, Бугарија и Турција.
Протестите на грчките земјоделци траат десет дена и се прошируваат и засилуваат. Една од клучните точки на протстите е автопаот Солун-Атина, но и други поголеми делници во внатрешноста на државата. Земјоделците се револтирани поради пораснатите трошоци на производство, ниските откупни цени но и начинот на распределба на европските субвенции, за што во моментов во Грција има и скандал за можни злоупотреби на овие фондови.
Државната информативна агенција МИА извести дека обвинителот од Врховниот суд на Грција, Константинос Ѕавелас, побарал од обвинителите од цела Грција во соработка со полицијата, да интервенираат во случаите каде што се вршат кривични дела што се гонат по службена должност, а се поврзани со земјоделските блокади и претставуваат опасност за безбедноста во сообраќајот.
Сузана Мицева
Дигитална обработка: T.Д.
