Вести Македонија Најважни

Петиција против прием на мигранти – политичка драма или државен аларм?!

Опозицијата објави петиција против прием на мигранти – Македонија да не стане „периферија“ на Европа. Иницијативата на СДСМ е насловена како „Одбрана на Македонија“, а повикот за мобилизација завршува со зборовите „Време е за акција“. Собирањето на потписи оди преку интернет на веб-страницата peticija.mk, а целта е да се соберат педесет илјади потписи.

Лидерот на партијата денеска ја обвини Владата за антидржавно и антинационално однесување. Филипче вели дека ако го игнорираат ова предупредување ќе следат уште посилни чекори за заштита на државата и безбедноста.

Сето ова следува по пишувањата на дел од британските медиуми дека се разговарало со македонските власти за депортација на мигранти во земјава, за што би следувала и финансиска компензација. Владата ги демантираше наводите.

Дали е ова цената што треба да се плати за да се добие кредит од шест милијарди евра којшто ќе го плаќаат многу следни генерации, во следните децении, за оваа Влада тие пари да ги потроши на договори во четири очи?! Не смееме да дозволиме насилно внесување на мигранти во нашата земја. Дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени македонски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ,  изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ. 

Премиерот ја демантира опозицијата. Вели дека со Велика Британија е разговарано за заедничка борба против илегалната миграција, но не и за тоа што го пишуваат медиумите од Островот.

Пред неколку дена британските медиуми објавија дека се преговара нелегалните мигранти и оние кои се одбиени за азил, но не може да се вратат во матичните земји поради безбедност, да им се понуди можност да бараат азил во Македонија. Мицкоски уверува дека додека тој е премиер, нема да никне ниту еден шатор за мигранти во Македонија.

Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации дека апсолутно планираме било какви кампови на илегални мигранти да правиме. Е, сега да дојдеме до суштината на тоа што беше во рамките на британските медиуми. Тие викаат „failed asylum seekers“ што значи неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји. Да потенцирам и да кажам јасно и гласно пред македонската јавност дека таква тема не е разговарана. Но, доколку се разговара исто така ќе биде одбиена од наша страна, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Претседателот на СДСМ, пак, вели: скандал од невидени размери е тоа што македонските граѓани за овој случај дознаваат од британските медиуми.

Ние сакаме развој, ние сакаме да сме дел од ЕУ, не сакаме да сме Мека на мигранти, да дојдат луѓе коишто гледаме како се однесуваат во другите земји и какви проблеми создаваат – насилства, протести, силувања, болести коишто се донесени, а одамна се искоренети во многу земји, вели Филипче. 

ВМРО-ДПМНЕ ги демантираше написите во британските медиуми како и обвинувањата од страна на опозицијата. Велат дека Договорот за стратешко партнерство е насочен кон инвестиции, инфраструктура и безбедност, а не кон прифаќање мигранти.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе