Да се истражи скандалот со фирмите поврзани со директорот на СОЗР, Ивица Томовски за кој опозицијата објави дека земале тендери од општини и институции раководени од ВМРО ДПМНЕ. Ова денеска го побараа од Транспаренси Интернешнл од надлежните институции.
Преставници на надлежните институции кои присуствуваа на настанот организиран од невладината ја слушнаа оваа изјава. Државниот обвинител не даде изјава, додека и новоизбраниот претседател на ДКСК и Државниот ревизор имаа свој став. ДКСК деновиве ќе расправа за корупцискиот скандал поврзан со Томовски.
Ќе ги истражува наводите на СДСМ дека се доделени 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра од државни институции и општини водени од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ тврдат дека завршиле кај фирмата „Сити Логистик“ чиј сопственик во моментот на основање е Витомир Томовски, татко на Ивица Томовски, додека управител е Слободан Кутановски за кој велат дека му е близок роднина. Потоа се менува името на фирмата во „Сити аутсорсинг“ и сопствеништвото. Државниот ревизор пак вели дека наскоро ќе објават извештај за СОЗР.
ДКСК веќе има одлучувано по пријава за фирма блиска до Томовски и можен судир на интереси за тендер распишан од СОЗР. Ја запрела постапката, а случајот го решила откако Томовски донел изјава заверена на нотар во која ги негира објавувањата. Ова било доволно за ДКСК бидејќи за лажење во нотарска исправа кривично се одговара, а додатно Томовски при спроведување на тендерот потпишал и Изјава за непостоење на судир на интереси, нешто на што е обврзан со закон.
Билјана Николовска
Дигитална обработка: T. Д.
