Вести Култура Топ вести

Скопје нема градско кино – вечерва почнува „Синедејс“, проекциите во МКЦ и во Кинотека

Дваесет и четвртото издание на „Синедејс“ во организација на Младинскиот културен центар (МКЦ) и оваа година е потврда дека благодарение на ентузијазмот и креативната импровизација на организаторите, македонската публика ќе има можност да ги проследи најновите и најнаградувани европски филмови. Сепак, неколку години наназад токму овој фестивал го отвора клучното прашање за дотраена опрема и нефункционалност на единственото градско кино во Скопје, киното „Милениум. Сето ова, според Арсова, говори за згаснување на јавните културни простори кои немаат соодветен третман од надлежните институции.

„Киното „Милениум“ е официјално затворено од април во 2025-та година, меѓутоа ДСП проекторот откажа уште во јануари во 2023-та година. МКЦ успеа во текот на целиот тој период, пред официјално да затвори киното, да има некаква кино дејност, колку да се одржи репертоарот, меѓутоа тоа беше во импровизирани услови за комплетно да го затвориме во 2025-та година, така што Скопје како европска престолнина на културата нема градско кино“, изјава Маргарита Арсова, програмска координаторка на „Синедејс“. 

„Да, вечерва отвораме со канскиот победник „Тоа беше само несреќа“ на Џафер Панахи во киното „Фросина“ кое што е соодветно кино, но со многу помал капацитет, што не доликува на таков голем фестивал каков што е „Синедејс““, додава Арсова. 

Се упативме кон кино „Милениум“, нем сведок на она што некогаш беше центар на случувањата на „Синедејс“, славење на европската кинематографија. Денес студен простор кој на повеќе места прокиснува, билетара која памети редици посетители и телефони кои не престануваат да ѕвонат за билет повеќе. Филмски остварувања и средби кои ќе ги паметите целиот свој живот.

„По мое мислење, градските кина во Европа се културни јадра кои што имаат некаква форма да ја поврзуваат локалната заедница токму преку филмот. Овие кина се генерално поддржани од општините“, укажува Арсова.

„Токму тоа беше целта на киното „Милениум“. Со поевтин субвенциониран билет да можат сите да погледнат филм, дури од американските блокбастери, но и од европските филмски достигнувања“, додава Арсова. 

Градоначалникот Ѓорѓиевски вели дека целосно ја разбира загриженоста за лошата наследена негрижа, додавајќи дека кино „Милениум“ не е само објект, туку дел од културниот идентитет и колективната меморија на Скопје.

„Во програмата за 2026 година е јасно предвидено обнова, технички увид и детална проценка на состојбата на „Милениум“, со цел да се дефинираат најдобрите чекори за негова модернизација и повторно активирање. Овој процес ќе биде темелен, професионален и транспарентен, за објектот да се врати во функција, со стандарди кои му доликуваат на еден современ град. Паралелно, градот како носител на Европска престолнина на културата ЕПК 2028 разработува концепт кој опфаќа поддршка на дигитална проекција, пристапност за сите категории граѓани, како и програма која ќе ја поттикнува филмската продукција, фестивалските содржини и иновативните форми на визуелна уметност“, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. 

Во таа насока, тој го посочи и примерот со киното во Кисела вода, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ кое по 30 години нефункционирање денес е активен дел од културниот живот во градот.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски предлага тет-а-тет средба со Путин за завршување на војната во Украина

Дејан Дејан

Мерц и Макрон со нон-пејпер за Западен Балкан

Tea Dimkovska

Мехмети: Граѓаните очекуваат политики, а не отворање базени

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе