Вести Македонија

Пратениците имаат клучна улога во реформскиот процес на Македонија

Меѓусебна соработка на пратениците, носење на реформските закони, но и следење на процесите поврзани со евроинтегративниот пат, се дел од обврските кои ги имаат пратениците во делот на реформската агенда на земјата за Европската Унија (ЕУ), за што во Собранието, во организација на Институ за демократија, дебатираа граѓанскиот сектор и пратениците. И едните и другите, иако ги препознаваат позитивните аспекти на подиректното ангажирањето на пратениците во евроинтегративните процеси, сметаат дека има уште многу простор вклученоста на пратениците да засили.

„Последното истражување, теренско, покажа дека имаше зголемување во сеопштата оценка за Собранието, значи мало подобрување, после години и години стагнација или некои надолни трендови. Но, онаа перцепција дека собранието е субординирано, односно подредено на извршната власт, за жал сè уште опстојува во голем дел“, рече Марко Трошановски, од Институт за демократија.

Многу важен дел од следењето на реформите во рамките на Берлинскиот процес е и владеењето на правото, за што Миша Поповиќ од Институт за демократија, рече дека доколку тие две области се раздвојат, тогаш реформите самите по себе без владеење на правото може да не се прават во интерес на граѓаните.

„Ако ги разведеме реформите во рамките на Берлинскиот процес, од владеењето на правото добиваме листа на реформи кои што може да ги спроведе и Советски Сојуз, Северна Кореја“, рече Поповиќ.

За тоа до каде е спроведувањето на реформите од Планот на раст, Стефан Ристовски, од Институт за европска политика, рече дека темпото во првата година не е задоволително со исполнување на 6 од 21 чекор и ослободени 25 од 85 милиони евра. Тој ја нагласи улогата на Собранието и во имплементацијата на законите.

„Да ја потенцираме улогата на собранието во имплементацијата на реформската агенда. Направив еден преглед кој што вели дека 10 од 21 од достасаните реформи вклучуваат нови или измени на постоечки закони, што ја посочува улогата на собранието, не само како некој што треба да врши надзор, туку и имплементација на реформската агнеда“, рече Ристовски.

Пратениците, пак, во дебатата на улогата на Собранието се фокусираа на меѓусебната соработка во носењето на законите.

„Политички би било многу покоректно кога ние ги гласаме овие закони, а се дел од европската агенда, а пратениците од опозицијата се присутни во собраниската сала, да не се воздржуваат од глсање, туку да гласаат ‘за’“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„И опозиција и позиција би биле заедно ако е тоа вистинското решение. Но, кога вие ќе дојдете со решение без притоа да има соодветен простор за дискусија или подобрување, затоа што доаѓа од опозицијата, сметам дека навистина стануваат првите проблеми“, рече Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.

Според претставниците на граѓанскиот сектор, пак, би било добро ако постои изграден национален консензус зад носењето реформските закони, но и да постои хоризонтална партиска, односно надпартиска поддршка за реформските процеси.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична пријава за даночно затајување за производител на кабли

Дејан Дејан

(видео)Манасиевски: Политичкиот театар на СДС, Левица и ДУИ не поминува

Дејан Дејан

(видео)Кривична за 18-годишна девојка и две малолетнички за насилството врз девојче во Куманово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе