На ова место зад мене, на последна 5-ка во Ново Лисиче, е планирано да се гради едно од 4 депоа за новиот трамвајски сообраќај , кој Град Скопје го планира за следниве 3 до 4 години.Но, жителите на Ново Лисиче кои ги анкетиравме овдека , не се согласуваат со тој план.
Идејата на локалната власт, до 2025 година Скопје да добие трамвајски превоз по примерот на светските метрополи не е прифатлива за сите граѓани. Жителите на Ново Лисиче се противат на изградба на депото за транвајот што ќе сообраќа на релацијата од овде до Ѓорче Петров и назад. Губењето на спокојството во новиот парк, промените што ќе ги претрпи постојната сообраќајна мрежа , како и местоположбата на депото, не се прифатливи за нив.
- Не би требало овдека, во сред град. Тука се спортските терени. Овој простор квалитетен, може да се искористи за изградба на некоја средна школа, за некој друг јавен објект, вели еден граѓанин.
- Момче со куче: не сме задоволни , искрено. Посебно како што планираат да фатат една од лентите сообраќајни со трамвај, мислам дека не е адекватно решение, вели помлад граѓанин.
- Не можеме да бидеме согласни, таман му се израдувавме на паркот , сега да ни се одземе. Тоа не би било коректно, вели друг помлад граѓанин.
Од Град Скопје одговараат дека депоата за секој јавен превоз се градат на крајот на лините и дека локацијата на последна 5 во Ново Лисиче била планирана за таква намена уште од 1989 година.
- Просторот кај последна 5-ка во Ново Лисиче е во секој претходен ГУП предвиден за сообраќајна инфраструктура, како и во сегашниот. Оваа локација е предвидена за ваква намена во градските студии за трамвај од 2012 и 2008 година. Се работи за истата локација и во проектот за трамвај од референдумот во 1989, а за таа намена оваа земја беше специјално откупена пред 15-ина години и е во сопственост на Град Скопје, велат од Град Скопје.
Жителите на Ново Лисиче се противат на градењето депо зашто стравуваат и од најавите за сечење на зеленилото во околината, кое ги штити од загадувањето, особено во зима.
- Како се направија сѐ повеќе згради , така остана сѐ помалку зеленило. Уште тоа останува. И тоа што го имаме , да го изгубиме, вели помлад граѓанин.
- Не би требало да се сечат дрвја за таква работа. Затоа што се уништува природната средина. Ние и така како Скопје имаме сѐ помалку и помалку дрвја, вели постар граѓанин.
- Ако се изгуби зелениот простор, не би се сложил, нормално, вели трет граѓанин.
Но, од Град Скопје уверуваат дека се работи за проект што ќе го намали аерозагадувањето и дека минимално изгубеното зеленило, ќе биде надоместено.
- Онаму каде ќе биде одземено зеленило за овој проект, тоа ќе биде минимално и непосредно надоместено. Пресадувањето на дрвјата е веќе воспоставена градска пракса и таа операција се изведува секаде, каде условите го дозволуваат тоа, велат од Град Скопје.
Покрај релацијата Ѓорче Петров- Ново Лисиче, панирано е трамваите што ќе се движат без шини , на погон на водород, да сообраќаат и на релацијата Бутел- Пинтија. Со заем од ЕБОР, држата ќе вложи 70 милиони евра во набавката на 60 возила , со капацитет од 250 патници. Тендерот за набавка ќе биде распишан до крајот на годината.
Сотир Трајков