Мозочна хипоксија или недостаток на кислород во мозокот е причината за бегството на 75 годишниот пациент од Пробиштип од штипската модуларна болница. Пациентот пред пет дена на полноќ во ваква состојба самиот ја отклучил задната врата, а на 50 метри во околната уличка по еден час беше пронајден мртов. Извештајот на Комисијата за квалитет на штипската Клиничка болница е готов и е доставен до институциите, кои треба да утврдат дали има одговорност кај здравствениот персонал. Директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев вели дека ова не е прв ваков случај, кај пациент кој е во тешка состојба.
Обдукцијата покажа дека пациентот починал од тешка бронхопневомнија. Ѓеорѓијев смета дека имаат доволен број на чувари во болницата, која е од разбиен тип. Во моментов се намалува и бројот на пациенти, но загрижува тоа што и понатаму имаат пациенти во тешка здравствена состојба, во изминатите 24 часа починаа четворица пациенти од Штип и Радовиш. Додека се бие битката со коронавирусот, медицинскиот кадар од Здравствениот дом, болницата, студентите од Факултетите за медицински науки и информатика и волонтерите на Црвен Крст денеска имаа симулација на масовна имунизација.
Имунизацијата се очекува да почне по Велигден, а досега во Штип се вакцинирани над 800 граѓани со вакцините Астра Зенека и Фајзер.
Викторија Димитрова Јованова