Се прават последните подготовки за отворањето на 20 издание на „АКТО“, фестивалот за современи уметности, основан 2006 година. Според неговиот идеен творец, архитектот, концептуален уметник и режисер, Филип Јовановски, „ АКТО“ започна во Битола како дружба на истомисленици за менување на општествената стварност , а продолжи како отпор против девастацијата на јавниот простор од спрегата инвеститори- политичари.
- Е отпор, мислам веројатно кон некои конвенции, кон позиции на моќ. Преку активност, преку култура се бавевме со јавните проблеми , со јавното, го транформиравме градот во јавност, на некој начин, кажа Филип Јовановски , основач на фестивалот АКТО.
Јубилејното издание на „ АКТО“ го тематизира неговото создавање со прашањето „ Како се прави?“.
- Да ги отвориме прашањата како се прават нештата во нашиот контекст, зад сцената. Механизмите на истрајност. И не само на истрајност, на политички контекст. Во кои услови се создава ваква култура, вели Јовановски.
Тридневната програма која започнува вечерва и ќе трае до недела, вклучува изложби, проекции, разговори, предавања, работилници и музички настани. Во фокусот на фестивалот ќе бидат неколку програмски и концепциски целини и платформи, продуцирани од „АКТО“ изминативе 4 години. Програмата ќе се случува во Лабораторијата за просторно – перформативни практики, лоцирана во киното на Железничка зграда, насловена „ Градот како сцена“ . А, на фестивалот ќе дојдат странски и домашни гости-уметници, експерти и културни работници. Дел од нив веќе учествувале на „АКТО“, а дел ќе присуствуваат за прв пат.
Сотир Трајков
Б.С.
