Оваа година снегот пристигна порано од вообичаено, изненадувајќи ги граѓаните уште на почетокот на октомври. Утрово на планинскиот премин Стража се формира првата снежна постилка, при што коловозот и околината веќе се забелени. Граѓани за Телма велат дека полека се вози, бидејки има снег на патиштата, но е проодно.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, земјава се наоѓа под влијание на студен бран, кој донесе нагло опаѓање на температурите. Снегот засега е ограничен на повисоките места, но временските услови се променливи и бараат внимание од учесниците во сообраќајот, особено на планинските премини.
Најавите од синоптичарите велат дека утре се очекуваат уште пониски температури, со можност за нови врнежи од снег на повисоките места. Возачите се повикуваат на внимателно управување со возилата и почитување на сообраќајните прописи при движење низ заснежени подрачја.
