Судењето против Раде Трајковски Штекли денеска беше одложено, бидејќи обвинетиот пред да започне расправата имаше епилептичен напад, по што интервенираше итна помош.
Докторите констатираа дека по нападот обвинетиот за трговија со дрога е свесен и котактибилен, но одбил да прими терапија.
Трајковски им кажал дека не знае каде се наоѓа и барал лица кои не биле присутни во судницата, но, според докторите, тоа е вообичаено по ваков напад, односно лицето да е во конфузна ситуација, која трае кратко.
Судијата Илија Трпков донесе одлука Трајковски да се однесе во одделна просторија и да продолжи судењето, бидејќи обвинетиот одбил да прими терапија.
Но, судењето не продолжи бидејќи адвокатот на Трајковски, Сашко Дуковски побара одлагање бидејќи бил вознемирен и не бил способен да поставува прашања.
Инаку според неговата одбрана на Трајковски му е дијагностицирана епилепсија од 2017 година.
На денешното рочиште требаше да продолжи сведочењето на вештакот на обвинителството кој смета дека Трајковски е психички способен да ги следи рочиштата за разлика од вештакот на одбраната, кој тврди дека обвинетиот е психотичен со шизофрени карактеристики.
Марија Митевска
