Вести Култура

Филхармонијата ја започнува сезоната со концерт со виолончелистот Сантијаго Кањон Валенсија

Македонската филхармонија в четврток ја започнува новата сезона, со концерт на кој како солист ќе настапи истакнатиот колумбиски виолончелист Сантијаго Кањон Валенсија. Сепак, најголема возбуда за оркестарот е настапот во куќата на Виенската филхармонија- познатиот Музикфераин, каде Филхармонијата ќе одржи концерт на 28 октомври. Програмата за новата сезона вклучува дела од сите жанрови, но и премирни изведби, со учеството на домашни и странски солисти и диригенти. А, на роденденскиот концерт на 27 ноември , како солист ќе настапи ерменскиот виолинист Сергеј Хачатријан.

Нова музичка авантура , со истакнати солисти и диригенти кои ја испишуваат современата историја на класичната музика, најави директорот на Македонската филхармонија, на стартот на новата сезона. Како што кажа Мустафа Имери, таа е насловена „Без филтер“, со што се потенцира дека класичната музика е уметност во најавтентичен облик. Сезоната ќе започне в четврток.

„Со концерт насловен „Рестарт“, на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантијаго Кањон Валенсија. А, диригент е маестро Јерухам Шаровски, нашиот шеф диригент“, изјави Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија.

Маестро Шаровски ќе диригира и на исторски важниот концерт за Македонската филхармонија, што ќе се одржи на 28 октомври во Златната сала на престижниот Музикфераин, познат по новогодишните концерти на Виенската филхармонија. Нашиот најстар симфониски оркестар ќе изведе дела од Бети Илин, Глигор Смокварски, Сони Петровски и Антонин Дворжак, а како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски.

„Многу сме возбудени околу новата сезона. А, посебно за патувањето во Виена. Се подготвуваме од сега и морално и психички, ама и музички“, изјави Ана Кондратенко, концерт мајстор на Македонската филхармонија.

На роденденскиот концерт на Филхармонија, на 27 ноември, оркестарот ќе го придружува ерменскиот виолинист Сергеј Хачатријан. Меѓу домашните солисти што ќе концертираат со Македонската филхармонија оваа сезона се кларинетистот Васко Дуковски, челистот Паскал Краповски, виолинистката Сихана Бадивуку.

Од странство, меѓу другите што ќе дојдат, се виолистот Александар Земцов, како и Нинг Фенг, еден од најдобрите виолинисти од Кина. Програмата е правена за да бидат застапени сите жанрови, кажаа од Уметничкиот совет.

„Меѓутоа и се трудевме да има премиерни дела кои што публиката ги нема чуено досега“, рече Владимир Костов, концерт мајстор на Македонската филхармонија.

Следуваат неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство во новата сезона на Македонската филхармонија, велат од таму.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Скопје ЗОО се родија две бели волчиња

Tea Dimkovska

Финскиот претседател: ЕУ треба да се стреми да го зголеми бројот на 40 членови

Kristina Kuzmanovski

ДКСК отвори предмет за неправилностите во ИЈЗ: Под лупа набавки, вработувања и трошење јавни пари

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе