Вести Македонија

Вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ повторно на протест поради неисплатена плата

Со транспаренти „Доста работиме за ѓеврек и вода“, „Работиме по закон, сакаме плата по закон“ и „Бараме редовна исплата на плата“, вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ и фирмите-ќерки „Флораком“ и „Луна“ денес излегоа на протест и ја блокираа улица „Илинденска“. Причината, како што велат, е тоа што августовската плата доцни две недели. Наместо на 15-ти, сè уште не ја добиле.

„Доколку денеска не се исплати платата за август, од утре вработените ќе останат без здравствено осигурување. Што е многу страшно, со оглед на фактот дека голем дел од овие вработени земаат хронична терапија, а имаме и онколошки пациенти. Од страна на Град Скопје е префрлена одредена сума на пари. Парите се моментално во трезорот, но сè уште недостигаат пари за августовската плата, некаде околу 25 милиони денари. Тоа е сума која е потребна само за исплата на платите за ЈП „Паркови и зеленило“, а плус тоа потребни се и уште средства за исплата на платите за Флораком и Луна“, изјави Стојанче Кашиковски од СУТКОЗ.

Проблемот ги засега повеќе од 650 работници, а ова не е првпат тие да излезат на протест. И претходно реагираа поради неисплатени плати. Од Град Скопје одново надлежноста ја префрлија на „Паркови и зеленило“ и упатуваат одговорите да се бараат во претпријатието, но обвинуваат и за политичка позадина.

„Конкретни информации можат да дадат и од синдикатот чии ограноци алармираат дека над 15 државни институции повеќе од три месеци немаат добиено плата и имаат изгубено можност за лекување поради немање здравствено осигурување, а во „Паркови и зеленило“ со политички притисоци некој континуирано, секој месец организира протести за неколку дена задоцнета исплата“, соопштија од Град Скопје.

Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата, вработените најавуваат дека утре ќе блокираат повеќе крстосници низ Скопје. Од Директорот на „Паркови и зеленило“ нема одговор.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе