Едни контејнери се празни и чисти, додека други преполни и одвнатре и однадвор – ова е сликата што утринава ја затекнавме низ главниот град. На некои локации состојбата со сметот е непроменета со недели.
Вака изгледаат контејнерите и покрај тоа што медиумите секојдневно алармираат. Наместо да се расчистува, отпадот само се таложи и создава сè поголем проблем.
Според претседателот на „Гоу Грин“, проблемот со кабастиот отпад доаѓа од две страни – граѓаните не знаат каде да го фрлат, а акциите што ги организираат општините за негово бесплатно собирање се ретки и недоволни. Тој нагласува дека едно од клучните решенија е рециклирањето, бидејќи без тоа последиците се големи.
„Рециклирањето и другото одржливо управување со отпадот во суштина и не е толку економски проблем колку што е еколошки. Односно, вие можеби ќе се спасите од еколошките трошоци, но ако несоодветно го третирате отпадот тогаш сите заеднички плаќаме со нашето здравје“, изјави Блаже Јосифовски, претседател на Гоу Грин.
Со правилно управување со отпадот, вели Јосифовски, би имале чист воздух, вода и почва, а со тоа би се намалил и бројот на депонии.
„Несоодветното третирање на отпадот креира проблеми на долгорочно ниво. Овие проблеми кои ги имаме сега во моментот се од последните 50 години. Секој кој е одговорен да го решава тоа го остава“, додаде Јосифовски.
И додека експертите предупредуваат на потребата од долгорочни решенија, надлежните институции се правдаат со недостиг на капацитети, а граѓаните секојдневно се соочуваат со истиот проблем – преполни контејнери и кабаст отпад по улиците.
Taмара Марковска
