Најмалку четири лица загинаа, меѓу кои и едно 12-годишно девојче, а повеќе од 70 се повредени, во најновиот масовен напад на Русија врз Украина. Бомбардирањето започнало синоќа и траело до раните утрински часови.

На мета на руските проектили се најдоа цивилни цели во главниот град Киев, кој ја претрпе и најголемата штета. Густи облаци црн чад се издигаа над центарот на градот, а повеќе згради беа оштетени. Според украинската воздухопловна команда, Русија истрелала вкупно 595 дронови и дронови мамки и 48 ракети. Украинската одбрана успеала да пресретне или онеспособи 566 дронови и 45 ракети.

Непријателот изврши масовен ракетен напад врз Киев. За жал, има многу напади врз округот Соломијански. Оштетени се станбени згради и медицински установи. За жал, има повредени и убиени луѓе, изјави Серхиј Мовенко, началник на округот Соломијански.
Овој брутален напад не беше насочен само кон Киев, туку и регионите Запорожје, Хмелницки, Суми, Миколаив, Чернихив и Одеса. Во Запорожје, 27 лица се повредени, меѓу нив три деца, а над дваесет згради се оштетени. Жителите беа евакуирани од објекти каде избил пожар по силните експлозии.

Денес се случи нешто што се чинеше дека нема да се случи. Нашата зграда е затскриена од патот, се наоѓа во мирна станбена зона и на три ката, обично Шахед летаат над повисоките катови. Ова е шокантно. Сè уште не можеме да се освестиме, изјави Илона Коваленко, жителка на Киев.
Паралелно со нападите, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, од говорницата на Обединетите нации изјави дека Русија нема намера да ја нападне Европа, но ќе одговори решително на секоја агресија.
Светот поминува низ длабока трансформација. Од таа трансформација, постои судир на два главни процеси. Едниот е објективен и историски воден процес на обликување на мултиполарниот свет кој цврсто се темели на принципот на суверена еднаквост на државите, што е вградено во Повелбата на ОН. А втората група земји е претставена од оние кои сакаат да ја одржат униполарноста, да го зачуваат она што сме навикнати да го нарекуваме „златна милијарда“ за да зачуваат неоколонијален, а не колонијален свет, со цел да живеат користејќи ги другите, порача Лавров.
Ова е прв масовен напад во последните месец дена, кога загинаа најмалку 21 лице во Киев. Украина повикува на засилена поддршка од меѓународната заедница.
Александар Петрески
