Во пресрет на Локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, апелира изборната кампања да се одвива во најдобра демократска атмосфера.
Тој, во интервју за МИА, потенцира дека иако е очекувано заострување на реториката за време на кампањата, таа мора да остане во рамките на законските и демократски норми.
„Право на избор е граѓаните сами слободно да одлучат, а кандидатите и партиите да покажат почит кон политичките противници и изборниот процес“, истакна Кондарко.
Изборната кампања започнува утре и ќе трае до 17 октомври на полноќ. На овие избори ќе учествуваат вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за советници.
Според податоците од ДИК, право на глас имаат 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 се со живеалиште во земјата, а останатите се на привремена работа или престој во странство, во затвор или во старски домови.
Гласањето ќе се одвива на 3.480 избирачки места ширум државата. И покрај тоа што во Скопје ќе има четири гласачки ливчиња по гласач, Кондарко уверува дека процесот ќе се спроведе брзо и ефикасно, без застои.
Биометриската идентификација на гласачите останува иста како и на претходните избори, со еднократна проверка и потпис во избирачкиот список.
ДИК е целосно подготвена за спроведување на изборите, а обуките на избирачките одбори се веќе во тек. За првпат се користи и џебен прирачник за членовите на одборите за полесна навигација на денот на гласањето.
Изборите ќе се реализираат во рамките на одобрениот буџет од 9,6 милиони евра, а евентуалните вишоци средства ќе бидат вратени во државниот буџет.
