Нови пет сомнителни операции завршија во рацете на домашната комисија кои ќе бидат разгледувани во вторник. Директорот на клиниката за кардиохирургија денеска обелодени какви операции се испитувале во претходните осум предмети од „кардиолошките случаи“. Овие случаи се завршени, за конечниот епилог ќе се чека и странската комисија.
„Тоа се случаи за пациенти кај кои е направена коронарографија, значи дијагностичка процедура пред изведување на оперативен зафат и контрола коронарографија после изведувањето на операцијата кои шти се гледаат некои неправилности“, изјави доктор Дејан Димитриевски, директор на Клиника за кардиохирургија.
Странска комисија ќе треба да даде финален суд за сомнежите дека во приватните болници се правеле операции на срце без да има потреба од тоа, само за да се испумпаат фондовски пари. Ќе бидат експерти од Словенија, Италија и Австрија, но ќе почнат со работа после изборите.
„Надворешната комисија ќе дојде тогаш кога и ние ќе бидеме спремни за да може да продолжиме со нив. Не се правно договорени заради законските пречки вака се договрени, тоа ќе биде после изборите потпишување на договорот со нив“, рече Азир Алиу, министер за здравство.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ако се утврди дека некој се богател на грбот на граѓаните и на сметка на здравјето на граѓаните ќе одговара. Овој случај го отвори кардиологот Сашко Кедев кој обвини дека приватни болници правеле непотребни операции на срце, ставале стентови, отворале гради, само за профит.
Симона Петровска
