Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на средба со шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, во Њујорк укажала дека мора да се стави крај на двојните стандарди што ги манифестира Европската Унија кога станува збор за процесот на прием во Унијата, особено на малите држави.
Имено, Сиљановска-Давкова вчера присуствуваше на приемот за лидерите на земјите од Западен Балкан што го приреди високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедноста политика, а на маргините на 80. Генерално собрание на Обединетите нации што неделава се одржува во Њујорк.
„Укажувам на ставање крај на двојните стандарди бидејќи тоа не е европски манир, не е европска пракса, не би требало да биде европска пракса. Значи, за мене е антиевропско однесување, но тоа постојано се практикува во Европската унија“,
изјавила претседателката по приемот, пренесе МИА.
Сиљановска-Давкова додала дека за овој проблем ѝ укажала и на шефицата на европската дипломатија, но и предупредила, дека ваквиот проблематичен пристап нема да застане само на земјава, туку веќе се наѕира и во поглед на пристапниот процес на Молдавија и Украина.
Претседалката укажала и дека влегувањето на Западен Балкан или, како што кажала таа, реинтеграцијата на Западен Балкан во Европа, односно во моментот во ЕУ, каде што географски, историски и културно со векови припаѓала, ќе биде многу важен лек против безбедносните дилеми што веќе се наѕираат.
„На потег се тие“,
рекла Сиљановска-Давкова.
Силјановск Давкова исткнала дека во тешки моменти Европската Унија успевала да биде многу креативна и дека можеби сега предизвикот е голем.
„Исто така, реков дека е важно Западниот Балкан да го перципира како целина и дека ако има расчекор во чекорењето меѓу земјите од Западен Балкан тоа може да предизвика дополнително поделби наместо обединување“,
рекла претседателката Сиљановска-Давкова, која по средбата со Калас и лидерите од земјите од Западен Балкан присуствувала и на приемот организиран од Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.
Претседателката претходно имала средба со генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, на која, како што соопштија од нејзиниот кабинет, меѓу другото, станало збор и за европската интеграција на земјава.

Сиљановска-Давкова во нејзината изјава , кажува дека генералниот секретар на ОН изразил целосна солидарност со нас и целосна поддршка за нашите демократски чекори, особено за способноста за менаџирање на меѓуетничките односи.
„Тој рече дека стои зад нас и дека ова секаде ќе го повторува. Се разбира добро е да чуете ваков став и да добиете поддршка од првиот човек на Обединетите нации заради неговото богато дипломатско искуство во кое и ние сме биле вклучени како земја која што кога имала проблеми се нашла на дневниот ред на неговата агенда“,
рекла претседателката.
