Обединетите Нации се созреани за една реформа, за тоа се зборува многу долго, вели Мирче Адамчевски, надворешно-политички коментатор, во вечерапната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Осумдесет години не може да постои еден систем, онака како што бил замисленда биде воден од пет големи сили кои што биле победнички во Втората светска војна. Но, никој не сака да преземе некаква конкретна улога во реформирање на Обединетите Нации“, смета Адамчевски.
Според него, проблемите на Обединетите Нации не се започнати сега, туку кон крајот на Студената војна.
„Организацијата почна да ја губи својата улога, во што придонесоа и големите сили, поточно постојаните членки на Советот за безбедност кои со ветата што ги поставуваа, создаваа кочници за Обединетите Нации да можат да решаваат некои конкретни, горливи прашања. Сетоа тоа почна со нападот на НАТО без санкции од Обединетите Нации врз СР Југославија, потоа нарушување на договорот за зона на забранети летови во Либија. Потоа во Ирак, исто така, Обединетите Нации не можеа ништо да направат, затоа што Американците презедоа свои мерки. Подоцна кон тоа се приклучи и Русија, „ако можат Американците, зошто и ние да не можеме да ги нарушуваме меѓународните норми“. И видовме што се случуваше, така денес имаме една голема војна во Европа“, истакна Адамчевски.
