Теренски екипи од Клиниката за пулмологија започнаа со здравствен скрининг на жителите од Трубарево, како реакција на неодамнешниот пожар во објект каде што беше складиран опасен отпад, вклучително и литиумски батерии.
Прегледите се спроведуваат поради загриженоста за здравјето на граѓаните, од кои дел веќе пријавуваат проблеми со дишењето.
Голем е интересот за здравствени прегледи, а дел од жителите пред камерата на Телма изјавија дека и натаму, особено наутро и навечер, чувствуваат силна миризба на чад и хемикалии.
Некои од прегледаните лица денеска се упатени на дополнителни испитувања на Клиниката за пулмологија.
Иако пожарот формално е изгаснат, вчера и денеска на терен повторно биле забележани жаришта, за кои интервенирале надлежните со посипување песок.
Жителите, покрај стравот за своето здравје, се загрижени и за можна контаминација на земјоделските површини и бараат конкретна поддршка и одговор од институциите.
