Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека в четврток ќе биде објавена драфт-верзијата на резолуцијата која ја подготвува опозициската партија, а која се однесува на „црвените линии“ во процесот на преговори со Европската Унија. Тој изјави дека документот е резултат на консултации со експерти од областа на правото и меѓународните односи.
„Темата е чувствителна. В четврток ќе ја презентираме работната верзија, предлог кој го ставаме на маса за сите партии и субјекти во Собранието“, рече Филипче, повикувајќи на вклучување на сите политички чинители во процесот, со цел да се постигне единствен став за европската перспектива на државата.
Премиерот Христијан Мицкоски, реагирајќи на иницијативата, порача дека со нетрпение го очекува предлогот од опозицијата, потенцирајќи дека патот кон ЕУ мора да биде достоинствен и да ги одразува интересите на граѓаните, особено во однос на чувствителните прашања со источниот сосед.
