Потребна е поголема грижа за архитектонското наследство за да се сочува за идните генерации. Ова го кажаа од Музејот на Македонија на денешното отворање на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“ во врска со заедничката тема на годинашното одбележување, насловена „Архитектонско наследство: Прозорец кон минатото, врата кон иднината“.
„Сметам дека треба да посветиме поголема грижа на архитектонското наследство, бидејќи тоа е значајно да се сочува и да се остави на идните генерации. Има градби во некои градови во Македонија што заслужуваат да бидат конзервирани, но не е дојден ред да им се посвети внимание“, изјави Нада Андоновска, координаторка на „Европски денови на културното наследство“.
Според Андоновска, треба да се свртиме кон минатото, кон луѓето кои што ја граделе македонската држава и оставиле трага зад себе. Но, и да имаме визија за иднината, што градиме денес и да оставиме самоодржливи градби што ќе им ги раскажат приказните од сегашноста на идните генерации.
А, ученици од Државното училиште за деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ имаа можност да се запознаат со дел од покуќнината од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, низ тактилната изложба „Допрете ги покуќнинските садови“, отворена во Музејот на Македонија во рамките на „Европските денови на културното наследство“.
„Изложбата е наменета за слабовидни и слепи лица кои што ќе можат да ги почувствуваат. Тие не гледаат, но имаат таков убав осет на прстите што можат да ги почувствуваат нашите покуќнински предмети, садови кои што се изработени од глина, од дрво и од бакар. Тие биле во секојдневна употреба на луѓето во тој период“, вели етнологот Сузана Марковска, едукатор во Музејот на Македонија.
„Европските денови на културното наследство“ ги иницираше Советот на Европа во 1985 година, а во 1999 година се придружи и Европската Унија. Целта на манифестацијата е запознавање и афирмација на заедничкото европско културно наследство. Пригодната програма со различни содржини во Музејот на Македонија ќе трае следните шест дена, а изложбата ќе биде отворена до 30 октомври.
Сотир Трајков
